Совети за Планинарење

Корисни совети за планинарење


1. Секогаш биди одморен пред одење на планина.

2. Нивото на физичката спремност е многу важно пред секое одење на планина.

3. Никогаш не јади на почеток на искачување, тоа се прави два часа пред почеток.

4. Исхраната нека ви се состои од комплексни јагленохидрати.

5. Строго се забранува конзумирање на алхохол поради загрозување на вашата здравствена и физичка ситуација при движење на планина.

6. Конзумирајте вода во текот на планинарењето, посебно во летниот период кога телото е изложено на поголема дехидрација.

7. Користете планинарски стапчиња при движење.

8. Почести, но кратки паузи при движење се од голема помош.

9. Доколку осетите знаци на премореност одморете подолго време, доколку ситуацијата не ви е подобрена во тој случај размислувајте да се откажете од акцијата.

10. Зимно време секогаш носете по два пара ракациви но никако плетени, имајте си резерва полар, софтшел, мајци и резерва чорапи по можност волнени.

11. Секогаш кажувајте каде и на која планина ќе бидете пред одење.

12. Доколку сакате да движите на организирана тура секогаш детално прочитајте го ивентот и приджувајте се до потребната опрема што се бара и потребната физичка кондиција.

13. Никогаш не експериментирај со теренот ако не го познаваш доволно.

14. Секогаш бидете мотивирани, насмеани, позитивни, брзо да реагирате на ситуација, да имате импровизирачки, надминувачки и прилагодлив менталитет.

15. Секогаш бидете подготвени за најлошото, а надевајте се на најдоброто.


ПЛАНИНАТА И УМОТ


Планинарењето како активност станува сè попoпуларно, воглавно поради бројните бенефити што ги носи за здравјето, без разлика дали се работи за кратка прошетка или излет во шума, искачување до некој врв или минување на долга трансферзала. Ефектите кои овој спорт ги има врз физичкото здравје се добро познати, а подеднакво важни и силни се придобивките поврзани со менталното здравје на луѓето кои го практикуваат.

Подобрување на менталното здравје
Понекогаш, самото тргање од токсичното, досадно или стресно секојдневие може да има тераписко дејствo. Но покрај тоа, научно е докажано дека престојот и физичките активности во природа се поврзани со подобрување на расположението, намалување на негативните мисли и анксиозноста, како и зголемување на себе-ценењето, фокусот и продуктивноста.
Всушност, голем дел од потешкотиите со менталното здравје и добросостојба се должат на дисконектираност - од себе, од другите и од околината. Ова го правиме од различни причини, како начин да се заштитиме од нешта што се штетни за нас. Сепак, кога ова се случува редовно или подолго време, цената што ја плаќаме за тоа е намалено искористување на личните потенцијали, а со тоа и намален квалитет на живот.

Реконектирање и зголемена свесност
Планинарењето претставува одлична можност за повторно конектирање со сегашноста и со сите убави работи во неа. Активирањето на сите сетила и свесноста за дразбите кои доаѓаат до нив претставува многу силен „противотров“ на стресот. И навистина, тешко е да се мисли на застрашувачки замислени идни сценарија (што е впрочем еден од главните извори на анксиозност) додека се движиш низ нов терен и внимаваш каде да згазнеш, додека пешачиш низ шумска патека и го слушаш шумот на лисјата, додека ја чувствуваш свежината од ветрот на твоето лице, кога физички преморен ќе стигнеш до врвот и ќе го видиш погледот од таму кој вреди за секоја минута „мачење“ по пат.

Дишење
Дишењето е процес кој, и во буквална и во преносна смисла, е основа и репрезентација на животот. Кога дишеме плитко или испрекинато мускулите се згрчени, а во телото внесуваме помалку кислород. Притоа, организмот се прилагодува на оваа состојба со ограничување на оние функции за кои е потребно повеќе воздух, а со тоа и со ограничување на својот потенцијал. При планинарење на телото му е потребно поголемо количество на кислород, а за среќа планината нуди чист воздух во изобилство. Па така, за разлика од загадениот воздух во голем дел од урбаните средини, на планина може слободно да се дише (и да се живее) со полни бели дробови.

Слушање на сопственото тело
Нашето тело во себе содржи голема мудрост и вродена способност да ни каже што ни е потребно за да бидеме здрави и да се чувствуваме добро. Но, за жал, во брзото секојдневие неретко се случува да ги занемариме пораките кои телото ни ги испраќа и, на некој начин, да работиме против себе. Планинрењето нè учи да си го слушаме телото - бидејќи резултатите од неслушањето се брзо видливи. На планина од клучна важност е да се биде свесен за потребите на телото, било да е тоа потреба за вода, за храна, за одмор, за успорување, за помало оптеретување, за престанување… Без тоа, достинувањето на целта ќе биде, во најдобар случај, значајно отежнато.

Физичка кондиција и слика за себе
Физичката кондиција и форма се градат со тек на време. Со самото редовно практикување на оваа активност, телото станува поиздржливо, поцврсто и во подобра форма. Промените во физичкиот аспект се секогаш пропратени со промени во психичкиот аспект на личноста. Па така, кога телото станува поспособно, доживувањето на себе си како таков придонесува кон развивање и на сликата за себе околу тие карактеристики. Дополнително, со оглед на тоа што ова е постигнато постепено и со сопствен труд, станува збор за релативно трајни карактеристики - нешто што не се стекнува и не може да се изгуби „преку ноќ“.

Карактер
Планината е непредвидлива и непокорлива, а кога ќе стигнеш на врвот всушност си на половина пат. Ова ќе те научи на внимателност, на проценка на ризикот, како и на спознавање и проценка на сопствените способности и органичувања. Ќе те научи да не се преценуваш и да знаеш кога е доволно. Но, ќе те научи и да ги буткаш и прошируваш своите граници, да дадеш сè од себе и малку повеќе, да бидеш упорен и да не се откажуваш. Покрај тоа, на планина најчесто го имаш само тоа што си го понел со себе - така ќе научиш добро да се подготвиш и да ги распоредиш своите ресурси за целиот пат, од почеток до крај.

Добра дружба и добри луѓе
Дружбата на планина е посебна. Не би било оправдано да се каже дека сите планинари се „вакви“ или „такви“. Меѓутоа, може да се каже дека тоа се луѓе кои ги искусуваат и уживаат горе-навдените бенефити. На планина се среќаваат најразлични ликови, најчесто пријателски расположени. Но, кога ќе се сретнат на планина, во тој момент и таму, тие имаат нешто заедничко, делат нешто посебно. На некој начин, тие се заедно и таму припаѓаат. Меѓу нив секогаш има такви кои се подготвени да помогнат и да излезат во пресрет на некој друг, познат или непознат. Сето ова креира посебна конекција, која некогаш е краткотрајна, а некогаш прераснува во долгогодишно пријателство.

Долготрајни придобивки
Овие бенефити не постојат само додека си таму. Со секоја планинска тура, со секое ново искуство и надмината потешкотија, личноста станува малку побогата. Она што сме го научиле и стекнале на планина го понесуваме со себе, како дел од личната историја, како зголемен потенцијал што може да биде корисен и во многу други области од животот.

„Супер е сето тоа, ама немам време/ немам кондиција:“
Времето кое ќе го одвоиш за планинарење не е време за извршување на некоја задача (за промена). Тоа е време одвоено за себе, за одмор од секојдневието, за вложување во сопственото здравје и добросостојба. Тоа време е една од најубавите работи што можеш да си ги подариш. А ако мислиш дека планинарењето е тешко, важно е да знаеш дека веројатно најтешкиот дел е да станеш од кревет, да се подготвиш и да тргнеш од дома. Кога ќе стигнеш таму, ако дозволиш планината да те освои; „слатките маки“ кои следат речиси без исклучок водат кон чувство на исполнетост, спокој и желба да отидеш повторно.

Автор:
Александра Панчевска - психолог и планинар,
ко-основач на Псинапсис - Здружение за промоција на ментално и физичко здравје.